April 14, 2016

Атина, 14. април 2016 (ИНПРЕС) – Од страна на Началникот на Генералштабот на Грчката Армија е соопштено дека ќе започне воена вежба во Идомени и на островот Инусес во близината на островот Хиос, до границата со Турција.

Началникот на ГШ на Грчката Армија Евангелос Апостолакис изјавил дека воената вежба е одговор на зачестените провокации од страна на турската војска и дел од регуларните активности на Армијата.

Воената вежба е именувана како „Бура“ и во нејзе се вклучени единици на Авијацијата, Пешадијата и Морнарицата.
Воената вежба ќе биде набљудувана од страна на Министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, кој се очекува на пладне да пристигне во Идомени со воен хеликоптер.

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос утрово ненадејно најави вежба за воена подготвеност над Идомени. Каменос изутринава во канцеларијата во Министерството за одбрана се појавил во воена униформаи наредил вежба за воена подготвеност и во северна Грција и над Егејското море, поконкретно над островот Хиос како реакција на навлегувањето на турски воени летала над грчкиот воздушен простор.

Во вежбата учествуваат припадниците на Силите за брзи реакции од северниот дел на државата, воени летала и хеликоптери за напад APACHE. (Крај)

извор: Телма фото: архива