September 9, 2014

Тирана, 9. септември 2014 (ИНПРЕС) – Гувернерот на Централната банка на Албанија, Ардијан Фулани, кој од саботата е во притвор, поседува вртоглаво богатство.

Ова го објави весникот „Тема“. Во написот „Вртоглавица од богатството на Фулани“ се прави приказ на тоа што го поседува Фулани и расфрлањето големи суми пари на членовите на семејството и поволностите што ги добивале поради неговата функција.

Богатството на Фулани се протега дури до Македонија. Тој во Маврово поседува вила вредна 250 илјади долари. Има стан од 230 квадратни метри во Тирана, вили во Фарк, Голем, вила во селото на најбогатиот албански граѓанин Сами Мане вредна милион евра, и е веднаш до луксузната вила на Ѓин Ѓони, судија во Апелацискиот суд во Тирана и член на Високиот совет за правда, кој кривично се гони за прикривање имот вреден 2,5 милиона евра. На име на неговата ќерка Фиона Фулани има деловен простор од 400 квадратни метри, вреден 800 илјади евра, наведува „Тема“.

Под обвинение „злоупотреба на службената положба“, тој и Еливар Големи, генерална инспекторка во Централна банка на Албанија, беа уапсени во петокот вечерта, а во саботата им беше одредена мерка притвор, која ја издржуваат во затворот „313“ во Тирана. Фулани е сместен во специјална просторија, а беше уапсен во врска со кражбата на 713 милиони леки (околу 7 милиони долари) од трезорот на банката и ако биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна во траење од седум години. (Крај)

извор: Дневник фото: архива