October 10, 2014

Струга/ Ковачица, 10. октомври 2014 (ИНПРЕС) – По повод одбележувањето на јубилејот од 160 години од раѓањето на врвниот научник со светско значење, професорот Михајло Пупин, Општина Вевчани со своја делегација е на неколкудневна работна посета на Општината Ковачица во Република Србија.

Делегацијата е предводена од Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски и претставува одговор на поканата на градоначалникот на општина Ковачица. Покрај тоа што делегацијата ќе оствари неколку работни средби на кои ќе стане збор за продлабочување на меѓусебната соработката и заеднички проекти, исто така, ќе го посети и Идвор – родното место на Михајло Пупин.

Михајло Пупин има вевчански корени. Најпрво ова семејство од Москополе – Република Албанија, се населило во Вевчани. Дедото на Михајло, Арсение Пупин живеел во Вевчани за потоа да замине во Идвор – Република Србија, каде што го добива синот Константин кој, пак, е татко на Михајло. Исто така, постојат и одредени информации дека мајката на Михајло Пупин потекнува од Охридскиот регион. Денес куќата на Пупинови која воедно е изградена во далечната 1880 година, се наоѓа во центарот на Вевчани е целосно автентично обновена и претставува сместувачко – угостителски објект во кој исто така постои и музејска поставка која го отсликува животот и делото на овој познат светски научник, така што голем е бројот на посетители кои свратуваат во посета на овој објект.

Д-р Михајло Пупин бил професор по математика и физика на Колумбија универзитетот во САД и претставува светски познат и реномиран научник, истражувач и пронаоѓач во областа на физиката и електрониката, особено заслужен за достигнувања и голем придонес во телекомуникациите, радиологијата и радиотехниката. Го пронашол системот на повеќекратна фотографија и ги открил секундарните рентгенски зраци, а исто така особено значајно е тоа што неговото значење е големо поради решението на проблемот на телеграфски и телефонски пренос на далечина.

За своите севкупни научни достигнувања Михајло Пупин во 1924 година, посмртно ја добил Пулицеровата награда. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива