Загреб, 7.септември 2015 (ИНПРЕС) – Во Загреб денеска треба да почне повторен процес против поранешниот премиер на хрватската влада, Иво Санадер, во случаите Ина-МОЛ и Хипо.
Ова откако Уставниот суд на Хрватска на 27. јули 2015 година ја прифати жалбата на адвокатите на Санадер на пресудата од 20 ноември 2012, и нареди делото да биде повторно разгледано, повикувајќи се на процедурални грешки.
Одбраната на поранешниот премиер реагира што на Санадер повторно ќе му суди истиот судски совет (кој веќе го осуди), со истиот претседател на советот (Иван Турудиќ), и затоа ќе бара изземање на овој судија. Одбраната најверојатно ќе бара обединување на овој предмет со оној против Золт Хернади, претседател на Управата на МОЛ, кому му се суди во отсуство поради давање мито на Санадер (нему, пак, му се суди за земање мито од Хернади).
Санадер последниве шест месеци беше прогласен за неспособен за учество во расправата за судењето во случајот Планинска поради проблемот со притисокот и со срцето, па прашање е како здравствената состојба на обвинетиот ќе ја оценат докторите денеска.
Во 2011 Санадер беше обвинет дека зел поткуп од 10 милиони евра од Хернади за придобивање на контролниот пакет акции на хрватската нафтена компанија Ина. Пред тоа поранешниот премиер се беше соочил и со обвинението дека како заменик мининстер за внатрешни работи зел 545.000 илјади евра провизија од Хѕпо Алпе Адриа банката за кредит што го добила Хрватска.
Пресудата за Санадер по двете обвиненија беше 10 години затвор, но, лани Врховниот суд на Хрватска му ја намали на 8,5 години. Во март лани тој беше осуден на 9-годишна затворска казна за извлекување пари од државни институции и компании преку маркетинг агенцијата Фими медиа.(Крај)
извор:Капитал фото:архива
