March 14, 2024

Охрид, 14. март 2024 (ИНПРЕС) – Со завршни зборови на адвокатот Тони Менкиноски во охридскиот Основен Суд заврши процесот покренат против него за истакнување на знамето „Сонцето од Кутлеш“ лани, на празникот Водици во Охрид, кај „Долна Порта“.

На рочиштето не беа присутни четири лица од СВР Охрид да образложат како е нарушен јавниот ред и мир врз основа на која законска или подзаконска норма се повикуваат на барањето за поведување прекршочна постапка. Поради тоа судијата Милчо Клишески што го води предметот реши рочиштето да се заокружи со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот.

Во завршните зборови Менкиноски повторно истакна дека не се чувствува виновен бидејќи истакнувањето на македонското знаме не е спротивно на ниту еден меѓународен договор или закон.

– Јас не се чувствувам за виновен, дека сум го истакнал македонското знаме, бидејќи тоа не е спротивно на ниту еден меѓународен договор или закон. И да е е спротивно, јас кажав на судијата, повторно ќе го истакнам бидејќи тоа знаме е знаме на културно и национално обележје на нас Македонците. Јас како Тони Менкиноски и многу луѓе како мене кои веруваат во македонската кауза, сметаат дека е жива, ќе се потрудат да го вратат ова знаме, да го вратат како државен симбол на државата Македонија, изјави Менкиноски.

По завршниот исказ се очекува дополнително да биде соопштена судската одлука.

Инаку по предметниот настан, Менкиноски сам се пријавил во охридската полиција дека е одговорен за поставувањето на знамето и ја презеде целата одговорност за настанот. На претходните рочишта група граѓани од Охрид со развиорени знамиња, скандирања и пеење патриотски песни, беа пред Основниот Суд во Охрид да му дадат поддршка на Менкиноски.

На 29-ти јануари ова година во Основниот суд во Охрид се одржа претрес по барањето за покренување постапка против охриѓанецот Александар Ѓурчев за истакнување на знаме со Сонцето од Кутлеш, односно сторен прекршок по член 18 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир. Обвинетиот Ѓурчев, во своето излагање пред судот истакна дека не се чувствува виновен за прекршокот за кој се товари. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива