Охрид, 25. јануари 2023 (ИНПРЕС) – Здружението на Србите од Охрид „Коштана“ и годинава ќе го одбележи празникот „Св. Сава“.
За разлика од изминатите две пандемиски години, сега празникот ќе се одбележи како претходно со традиционално со сечење на славската погача и пригодна културно-забавна програма. Воедно, денот е неработен за припадниците на српската заедница во Република Македонија.
– Свеченоста за одбележување на празникот годинава ќе се случува во хотелот „Сити палас“, во петок од 13:00 часот, таму ќе биде присутно свештено лице, ќе се сече славската погача, целата свеченост ќе е таму, вели за Супер радио и InPress претседателот на „Коштана“, Среќко Стојановиќ.
Здружението на Српската заедница во Охрид, „Коштана“ брои над 300 членови кои заеднички го одбележуваат и празнуваат. Српската заедница во Република Македонија е здружение на граѓани, регистрирано во 1991 година во Скопје. Целта на ова здружение е зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија и одбележување на значајни датуми од историјата на Србите. Според податоците од последниот попис на населението, домаќинствата и становите во Охрид живеат 281 срби. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива