Охрид, 12. јануари 2023 (ИНПРЕС) – Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина‐ Регионален зелен центар Охрид изработи дигитална мапа за појасите на трска долж охридското крајбрежје.
Активноста е во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“, дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Се работи за дигитална интерактивна мапа на која се одбележани појасите на трска на крајбрежјето на Охридското Езеро на потегот од село Подмоље до манастирскиот комплекс Св. Наум Охридски.
Со клик на секој од појасите се појавува легенда за истиот која содржи информации добиени од теренските истражувања спроведени во летниот период (должина и ширина на појасот, вкупна површина и споредба на површината во однос на претходни постари мерења, слики и кратки информативно- едукативни видеа).
До мапата може да се пристапи преку следниот линк: https://rzc-ohrid.com/?page_id=1064
Целта на оваа активност е промоција на природното наследство и подигнување на јавната свест за значењето и потребата од правилно управување со трската во Охридското Езеро. Од аспект на едукативен карактер, мапата ќе служи како помагало во образовниот процес во основните училишта, со цел учениците да развијат поголема свест за животната средина и конкретно за трската, а од аспект на информативен карактер, ќе служат да ја доловат на јавноста вклучувајќи ги и туристите, реалната состојбата во која што се наоѓа трската како и потребата од превземање соодветни мерки.
Во иднина преку овој проект, предвидени се три состаноци од кои еден е планиран месецов, а другите два во првата половина од февруари. Целта на планираните состаноци е формирање на управувачко тело- Форум кој ќе дејствува константно за подобро управување со трската и преземање методи за заштита на истата, дискусија за веќе оформените ставки во однос на подготовка на извештајот за моменталната состојба на трската и предлог-иницијативата за измена на законот за степенот на заштита на трската. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива







