Охрид, 19. јуни 2023 (ИНПРЕС) – Продолжува инвентаризацијата на пештерите во заштитеното подрачје Нaционален парк „Галичица“.
Активностите се во рамки на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.
Инвентаризацијата е значајна алатка за утврдување на бројот на пештери во заштитеното подрачје НП „Галичица“ и нивните спелеолошки одлики, за евидентирање на видовите кои живеат во нив и нивната бројност. Преку инвентаризацијата се утврдува состојбата, зачуваноста и значењето на пештерските екосистеми.
Експертски тим од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје спроведува спелеолошки и биоспелеолошки испитувања во пештерите на Галичица. Главната цел на ова истражување е споделување научни факти со локалното население и со пошироката јавност за значењето на пештерските екосистеми и нивното зачувување.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ го спроведуваат Црвен крст Охрид и истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со НП „Галичица“. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива