Загреб, 5. јануари 2016 (ИНПРЕС) – Лидерите на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Независната листа Мост, Томислав Карамарко и Божо Петров потврдиле дека е договорено да бидат вицепремиери во новата хрватска влада, која ќе биде предводена од непартискиот премиер Тихомир Орешковиќ, пренесуваат хрватските медиуми.
Карамарко изјавил дека ќе биде или заменик премиер или, пак, прв потпретседател со овластувања на заменик.
– Тоа е поддршка која новиот мандатар мора да ја има од нас двајца, кои го сочинуваме парламентарното мнозинство. Дефинитивно, стабилноста е важна, рекол Карамарко.
Мост на состанокот со ХДЗ се согласил за намалување на бројот на министерствата и повторил дека за оваа партија важни се министерствата за внатрешни работи и правосудство, додека, пак, Карамарко изјавил дека околу ова ќе се разговара во претстојниот период. (Крај)
извор: Макфакс фото: Макфакс







