March 2, 2015

Белград, 2. март 2015 (ИНПРЕС) – Во текот на наредните месеци земјите од Балканот ќе треба да одлучат на каков начин ќе се снабдуваат со гас, бидејќи по 4 години истекува договорот за транзит на руски гас преку територијата на Украина, изјави рускиот амбасадор во Србија Александар Чепурин.

На научната конференција насловена како „Руски енергетски проекти на Балканот по Јужен поток“, Чепурин изјави дека од „Газпром“ многу јасно и категорично изјавиле дека после 4 години, кога ќе истече сегашниот договор за транзит на руски гас преку Украина, гас веќе нема да поминува за Европа по овој пат.

– Новата насока, заедно со „Северен поток“ ќе поминува низ Турција, а конечната распределба ќе биде на турско-грчката граница, истакна Чепурин. Може да бидат изградени 4 гасоводи, а првиот треба да биде готов во 2016 година. Гасот на југ ќе поминува низ Турција, и ќе дојде до границата со Грција, изјави Чепурин.

Според него, балканските земји денес треба да одлучат како ќе добиваат гас. „Следните 6 до 12 месеци се одлучувачки за одредување на каков начин ќе стигнува гас до крајниот корисник“, додаде амбасадорот.

Чепурин предупреди дека денес ситуацијата воопшто не е лесна во геополитички план.

– Проектот „Јужен поток“ не успеа. Неопходно е да се бранат сопствените интереси и да се пробиваат бирократските и политички ѕидови. Кога ќе ги надминеме овие ѕидови, тогаш ќе ги заштитиме националните интереси, но и општите економски интереси, како и интересите на голема Европа, напомена Чепурин. (Крај)

извор: Танјуг фото: архива