Белград/Скопје, 21. јануари 2017 (ИНПРЕС) – Македонија веќе цел месец фигурира со ознаката БЈРМ на сметките од патарините во Србија, соопштија за „Мета“ од српското јавно претпријатие „Путеви Србије“.
– Oваа недоследност треба веднаш да биде корегирана. Веруваме дека ваквата провокација која ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е да се именуваме на навредлив начин како соседи, соопштија од македонското МНР и додадоа дека користењето на референцата и на кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.
На ова, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека за Србија е навредливо користењето на називот „Република Косово“.
– Ние бараме обостран коректен однос. Ако веќе протестираат поради признаницата за патарина, што би требало ние да направиме поради нивното признавање на Косово и гласањето во УНЕСКО, изјави Дачиќ за „Вечерње новости“.
Дачиќ, исто така, праша зошто Македонија не ги напушти Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и состаноците со ЕУ, каде фигурира под референцата БЈРМ. (Крај)
извор: Мета фото: архива
