Загреб, 19. декември 2015 (ИНПРЕС) – Лидерот на независната листа Мост, Божо Петров, порачал дека нема да дозволи одолговлекување на преговорите за формирањето на нова власт и дека доколку до вторник не биде познато името на новиот мандатар, тогаш повторно ќе се оди на избори, пренесуваат хрватските медиуми.
– Нема да има повеќе шамарања ниту пак одолговлекувања. Или до вторник ќе биде познат мандатарот или ќе одиме на избори, изјавил Петров.
Лидерот на Мост додал дека на состаноците може да учествува и коалицијата којашто е предводена од страна на Социјалдемократската партија (СДП).
– Веќе нема рокови. Се надевам дека двете страни искрено мислат на тоа што го одговорија, рекол Петров. Тој обаснил дека ХДЗ први се согласиле на условите на Мост, и поради тоа прво со нив е закажан состанок, но дека и СДП потоа може да се придружи.
Независната листа Мост, која е најголемото изненадување на изборите и без која не е возможно формирање на нова власт, претходно како услов за продолжување на преговорите побара од водечките партии СДП и ХДЗ да се согласат на трипартиска влада, на чие чело би застанал непартиски премиер.
Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ најавила дека во вторник на 22-ри декември ќе го одржи четвртиот круг на консултации за мандатар, бидејќи на консултациите во понеделникот и вторникот повторно се покажало дека никој нема поддршка од 76 пратеници за состав на влада. Левата коалиција „Хрватска расте“, предводена од СДП на изборите освои 56 мандати, а во моментот располага со поддршка од 66 пратеници, додека десната „Домољубна коалиција“, на чие чело е ХДЗ има 59 пратеници. Мост, од кого најмногу зависи формирањето на влада, на изборите освои 19 мандати, но по судирите во оваа партија, во моментов има 15 пратеници. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива







