Охрид, 14. јули 2023 (ИНПРЕС) – Според податоците од одделението за туризам при Општина Охрид во периодот јануари – мај оваа година Охрид го посетиле вкупно 72.682 домашни и странски гости.
Најмногу гости дошле во мај 33.860, а во април 18.722. Од почетокот на годинава заклучно со месец мај остварени се вкупно 141.901 ноќевања.
Најголем број се странски туристи, кои разбирливо го оствариле и поголемиот број ноќевања.
Од досегашната исполнетост на градот задоволни се од Секторот за туризам и локален економски развој.
– Задоволни сме, градот се наполни, угостителските објекти работат. Веќе од денес натаму се очекува да биде уште поголема посетеноста. Мислам дека сезонава ќе биде успешна има понуда за сечиј вкус, бројни настани и концерти, изјави за Супер радио и InPress, Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР.
Македонскиот туристички центар Охрид добива вистински летен шмек со голем број гости од земјава и странство, полни сместувачки капацитети, кафулиња и ресторани, шеталишта, плажи, паркиралишта…Топлотниот бран најверојатно ќе придонесе да има и нов бран туристи претојниов викенд во Охрид.
Солидната понуда на настани, од областа на културата, но и забавата, што ќе кулминира околу празникот Илинден, придонесува да очекуваме дека ќе имаме повеќе од успешна сезона. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива







