Охрид, 12. февруари 2026 (ИНПРЕС) – Охридски крводарители се жалат и бараат поголеми капацитети и подобри услови при дарување на скапоцената течност во Одделението за трансфузиологија во Охрид.
Ова го повторија и при денешната самоиницијативна акција на Супер радио и „Охриде не бери гајле“. На оваа тема веќе пишувавме, но според реакциите состојбата е непроменета.
Охридскиот водител Жанко ЗШ Голабоски е еден од оние кои редовно даруваат крв, што самоиницијативно, што како дел од поголеми акции. Тоа го направи и денес, заедно со десетина крводарители.

Едногласни се дека од докторите и медицинскиот персонал се и повеќе од задоводлни, но од условите не. Бараат достојни услови за ваквиот хуман чекор што го прават, да не се чека долго време за давање крв и споредуваат со состојбата во другите градови каде опременоста и условите биле многу подобри.
– Пред неколку години крв дарувавме во супстандардни услови со искршени плочки и мувла, а креветите се посебна приказна. Сега е обезбедена друга просторија, но мал е бројот на т.н ваги. Кога ќе се упати поголема група луѓе заинтересирани за дарување крв или кога се прават акции се создава гужва, се чека многу, потенцира Голабоски.
Крводарителите апелираат до надлежните да се преземат итни мерки за подобрување на ваквата состојба, да се набават ваги и соодветен инвентар за достојно спороведување на идните акции. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/архива
