July 2, 2015

Софија, 2.јули 2015 (ИНПРЕС) – Раководството на бугарската коалиција Патриотски фронт (ПФ) утре ќе решава дали оваа националистичка формација ќе продолжи со досегашната поддршка на малцинската Влада на бугарскиот премиер Бојко Борисов, пренесе МИА.

Во пресрет на утрешното заседание, лидерите на ПФ, Валери Симеонов и Красимир Каракачанов денеска, одржаа двочасовна средба со премиерот Борисов.

Како што јави МИА, по средбата Симеонов изјави дека со Борисов разговарале за предлогот од седум точки, што ПФ ги поставува како услов за понатамошна поддршка на Владата.

Каракачанов од своја страна додаде дека на ПФ му е јасно дека дел од предлозите на коалицијата не може да се спроведат веднаш, но дека ќе инсистира на преземање мерки за итно справување со некои проблеми, како што е на пример криминалот.

На средбата учествуваа и бугарскиот вицепремиер Румјана Бачварова, министерот за финансии Владислав Горанов и претседателот на Пратеничката група на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Цветан Цветанов.

Коалицијата Патриотски фронт ја сочинуваат евроскептичниот националистички Национален фронт за спас на Бугарија (НФСБ) на Сименонов и националиситчката десно полулистичка партија ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) на Каракачанов.(Крај)

извор:МИА фото:архива