Пристигна првата пријава за отпад на апликацијата TrashPinger, локацијата ќе се чисти во сабота
February 20, 2025

Охрид, 20. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Откако од неодамна стана достапна на Play Store, на првата апликација за пријавување диви депонии TrashPinger, пристигна и првата пријава.

Локацијата е на улицата „Марко Цепенков“, а ѓубрето ќе биде исчистено оваа сабота.

– Во координација со нашите партнери, оваа сабота одиме да го исчистиме отпадот. Секој што сака да се придружи во оваа акција е добредојден на 22-ри февруари во 11:00 часот пред Миса, Видобишта. Сите заедно за почист Охрид! Ping, clean, repeat, порачуваат од тимот на TrashPinger.

Средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид во 2023 година ја креираа првата апликација за пријавување диви депонии TrashPinger. Творци се учениците Ана Спироска, Ана Атанасовска, Дарко Крлески, Климент Маријаноски, Александар Спасеновски под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска. Велат целта е подигнување и промовирање на еколошката свест, но и помош на комуналната служба. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива