Охрид, 24. март 2026 (ИНПРЕС) – Просечната цена за метар квадратен станбен простор – стараградба во Охрид минатата година изнесувала 1241 евро, што е раст од 20% споредено со 2024 година, притоа биле склучени 288 договори, покажува годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности на Агенцијата за катастар на недвижности.
Од друга страна пак, лани на пазарот на новоградби се бележи намалување на бројот на продадени станови од инвеститор за дури 44% и пад на просечната цена за метар квадратен од 4% споредено со 2024 година. Биле склучени 90 договори, а просечната цена е 795 евра за м². Кај продажбата на апартмани, остварени се 5 трансакции, а просечната цена за метар квадратен била 1.650 евра.
Во однос на обемот на трансакции, во 2025 година во Охрид биле реализирани вкупно 1.259, а вкупно остваренаат цена е 59,3 милиони евра. Биле остварено 958 купопродажби, со вкупна остварена вредност од 59,1 милиони евра, односно раст од 2% во однос на 2024 година.
Кога е во прашање обемот на закупи, лани биле за 14% повеќе во однос на претходната година. Вкупната месечна закупнина била 145.540 евра, што е намалување за 25% споредено со 2024 година.
Бројот на закупи на станови во Охрид лани била поголема за 9% во однос на претходната година, додека просечната месечна закупнина била за 39% помала. За закуп на стан во Охрид лани биле потпишани 99 договори, а просечно требало да се одвојат 239 евра за м².
На ниво на држава пазарот на недвижности во 2025 година е стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини и позитивни економски трендови. Становите остануваат најдоминантен сегмент на пазарот и учествуваат со 33% во вкупниот број на купопродажби и дури 48% од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9%, нивната вредност пораснала за 10,8%.
Во 2026 година се прогнозира умерен раст со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
