July 31, 2023

Охрид, 31. јули 2023 (ИНПРЕС) – Третата регионална работилница за поддршка на Македонија во нејзините напори за ставање крај на без државјанството, ќе се одржи денеска и утре во Охрид.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заедно со претставништвото на УНХЦР во Македонија, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се здружат за да го завршат циклусот регионални работилници за обука на административниот персонал во практичната примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матичнита евиденција за задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Македонија.

Како што наведуваат од ОБСЕ, овие работилници се дел од поголемите напори за поддршка на примената на новите законски одредби со цел да се стави крај на бездржавјанството до крајот на 2023 година.

Амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ја изрази својата поддршка за овие напори, со став дека „тоа е амбициозна, но остварлива цел, а Мисијата, заедно со УНХЦР, со задоволство го поддржува овој процес“.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје изработи и видео за подобро да ја запознае пошироката јавност со целите и начините како овие лица да добијат идентитет и да ги остварат нивните уставно загарантирани човекови права за пристап до образование, здравство и социјална заштита, стои во соопштението. (Крај)

извор: Опсервер фото: архива