October 4, 2014

Белград, 4. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Светската банка (СБ) одобри заем од 300 милиони долари на Србија, за да и помогне да се справи со штетите од големите поплави кои во мај ја погодија земјата, при што во Србија и Босна загинаа околу 80 луѓе.

– Кредитот е доделен на период од 30 години со грејс период од 18 години, пренесе АФП, ​​повикувајќи се на официјално соопштение на СБ.

– Парите се наменети за обновување на оштетениот електро-енергетски систем, како и за зајакнување на заштитните системи против идни вакви природни стихии, изјави за српската државна телевизија претставникот на банката во Белград Лазар Шестович.

Речиси 2 милиони луѓе беа погодени од поплавите, кои во мај ги погодија Србија и Босна. Материјалната штета се проценува на над 2 милијарди евра во Босна и на 1,5 – 2 милијарди евра во Србија.

Кон средината на јули се одржа донаторска конференција во Брисел, организирана од Унијата, Франција и Словенија, на која меѓународната заедница вети скоро 2 милијарди евра помош за Србија и Босна. (Крај)

извор: АФП фото: АП