September 18, 2015

Будимпешта, 18. септември 2015 (ИНПРЕС)) – Унгарските власти рекоа дека наводниот лидер на немирите на мигрантите што се случија на затворениот граничен премин со Србија, е приведен под сомнение за тероризам.

Портпаролот на владата, Золтан Ковач, вчера изјави дека неидентификуваниот Сириец е еден од организаторите кои ги воделе нападите што се случија завчера попладне кога стотици мигранти на српска територија се обидоа да ја преминат границата и фрлаа камења и други предмети врз унгарската полиција.

Мигрантите беа растерани со солзавец и водени топови, а полицијата користеше и пендреци за да ги одврати оние кои се обидуваа да влезат во Унгарија. Полицијата приведе 22 лица кои успеаја да се пробијат, меѓу кои беше и човекот за кој Ковач рече дека е под сомнение за “вршење тероризам”.

Бесчувствителното однесување на Унгарија кон бегалците кои пристигнуваат на нејзините граници во обид да побараат азил во ЕУ е “јасно кршење на меѓународните закони”, рече шефот на агенцијата за човекови права на ОН Зеид Раад ал Хусеин.

“Високиот комесар Зеид ја критикува ксенофобијата и анти-муслиманските ставови на кои се чини дека се темели политиката на актуелната унгарска влада”, стои во неговото соопштение.

Претседателот на Советот на Европа Доналд Туск вчера закажа итен самит на лидерите на Еу за бегалската криза за 23 септември.

Романија ќе прифати повеќе бегалци

Претседателот на Романија призна дека земјата можеби ќе земе повеќе азиланти отколку што понуди првично, под притисок од ЕУ. Претседателот Клаус Јоханис рече дека на оваа тема се разговарало на вчерашниот состанок на Советот за одбрана на земјата. Романија се согласи да земе 1.785 азиланти во шест центри, но рече дека не може да прими 6.351 колку што од неа бара Европската комисија.

Романија протестираше против одлуката на Унгарија да изгради ограда долга 70 километри в долж заедничката граница за да ги одврати мигрантите. Владата вчера рече дека планот за кревање ограда “не е согласно нормите на ЕУ” откако унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто кажа колку ќе биде долга оградата. Унгарија веќе изгради ограда со бодликава жица покрај границата со Србија и рече дека можно е да го направи истото на границата со Хрватска.

Кој и помага на Германија?

Заменик-канцеларот на Германија повторно ги повика другите европски земји да помогнат во споделувањето на бремето од приливот на мигранти.

На Германија слабо и одат напорите да ги убеди другите земји-членки на ЕУ да се согласат на задолжителното редистрибуирање на бегалците.

Заменик-канцеларот Зигмар Габриел во видеопорака вчера рече дека Европа мора да преземе мерки: “Германија помага. Прашањето е: кој и помага на Германија?”

Габриел рече дека се остава впечаток дека “сите сакаат да се приклучат на Европа кога има пари, а кога треба да се преземе одговорност сите се кријат.” Тој додаде дека “не може да продолжат да циркулираат парите во Европа како досега ако само Германија, Австрија и Шведска го организираат и финансираат примањето на бегалците.”

Над 2.000 бегалци заглавени во Хрватска

Повеќе од 2.000 мигранти се собраа на железничката станица во Товарник, источна Хрватска и чекаат да тргнат на пат откако истиот ден преминаа во земјата од Србија. Мигрантите вчера се собраа кај станицата на жешкото сонце и чекаа да се качат на возови и да одат до бегалските центри во главниот град Загреб или на други места низ Хрватска. Мигрантите станале нестрпливи и барале да тргнат.

Хрватските служби работата на дистрибуирање храна и вода како дел од справувањето со бранот мигранти кои влегуваат во земјата преку српската граница. Повеќе од 6.000 луѓе влегоа во земјата за само еден ден и го оптоварија системот. Претседателката Колинда Грабар Китаровиќ побара построга гранична контрола и рече дека е многу лошо што луѓето ја преминуваат границата преку полињата со пченка. Таа рече дека првиот ден преминале премногу бегалци без да поминат на контрола.(Крај)

извор:АП фото:архива