Будимпешта, 29.август 2015 (ИНПРЕС) – Унгарската влада во парламентот го предаде во петокот нацрт законот со кој се предлагаат построи казни за илегално минување на нејзините државни граници, меѓу кои е и тригодишната затворска казна за лица кои ја минуваат границата со Србија.
Нацрт законот за кој следната седмица ќе се дебатира во парламентот на Унгарија, предвидува 13 мерки кои би требало да овозможат ефикасно справување со незапаметениот бран бегалци во оваа земја.
Владата предвидува построги казни за криумчарите на луѓе и одредување на подрачја за премин на границите за лицата кои бараат азил.
Унгарија до 31-ви август треба да го доврши градењето на 3,5 метри високата ограда по должината на 175 километри долгата граница со Србија.
Околу 140.000 луѓе, од кои најголем дел бегаат од воените зони на Блискиот исток, се сослушани од полицијата на споменатата јужна унгарска граница од почетокот на 2015 година, и 10.000 само во текот на оваа седмица.
Предложениот закон ѝ дава поголеми овластувања на полицијата и можност војската да интервенира во кризни ситуации. Доколку бидат прифатени од парламентот, овие мерки би требало да стапат на сила на 15-ти септември.(Крај)
извор:Макфакс фото:архива