October 1, 2014

Брисел, 1. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Србија треба „внимателно да ја разгледа“ одлуката да не се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија, доколку сака да се приклучи кон Европската унија, изјави мандаторот за функцијата комесар за проширување и политиката на соседство на ЕУ Јоханес Хан.

Ако Белград сака членство во ЕУ, треба да се испрати вистинскиот сигнал по прашањето на санкциите против Русија, изјавил Хан.

Претседателот на Србија Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ во неколку наврати изјавија дека Србија нема да ги поддржи наметнатите од страна на ЕУ санкции против Русија, поради нејзината политика во Украина.

Во Белград се надеваат дека патот на земјата кон ЕУ нема да им наштети на односите со Русија. Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за време на посетата во Словенија во септември истакна дека „уште од самиот почеток Србија стои на ставот дека патот кон ЕУ нема да ги расипува добрите односи со Русија“. (Крај)

извор: АФП фото: АП