Брисел, 4. март 2015 (ИНПРЕС) – Претседателот на ЕУ, Жан-Клод Јункер изјави дека грчкиот премиер Алексис Ципрас треба да му каже на грчкиот народ дека неговите предизборни ветувања за укинување на мерките за штедење „се неодржливи“.
Јункер за шпански „Ел Паис“ истакна дека грчкиот премиер „почнал да презема одговорност, но се` уште има голем проблем“.
– Тој се` уште треба да објасни дека некои од ветувањата, поради кои беше избран, нема да бидат исполнети. Изборите не ги менуваат договорите со ЕУ, изјави Јункер.
Коментарот на Јункер доаѓа по отворената размена на силни зборови меѓу грчките и европските лидери.
Во текот на викендот, Ципрас ги обвини Шпанија и Португалија за обиди да го запрат финансирањето на Грција од ЕУ и дека сакаат „да ја поткопаат владата“. Шпанскиот премиер Мариано Рахој веднаш потоа го повика грчкиот колега да биде „сериозен“, го возврати ударот и го започна првиот отворен судир меѓу Ципрас и друг европски лидер.
– Ние не сме одговорни за чувството на немоќ, кое произлегува од радикалната грчка левичарска партија, која му ветува на грчкиот народ нешта кои знае дека не може да ги исполни, изјави Рахој.
Тој напомена дека Ципрас се обидува да ја фрли вината за проблемите на Грција врз Шпанија и соседна Португалија.
– Побарувачката на надворешен непријател е нешто што сме го виделе многу пати во историјата. Тоа не решава проблеми, туку ги продлабочува, рече шпанскиот премиер. „Единственото решение е да бидете сериозни“, го советува Рахој грчкиот колега.
Германија од своја страна ги нарече овие коментари на Ципрас „невообичаено груба игра“.
Партијата на Ципрас победи на изборите во јануари со ветувања дека ќе ја укине политиката на штедење која и е наметната на Грција, како дел од спасувачкиот заем од 240 милијарди евра на ЕУ и ММФ, кој според многу Грци само ја продлабочува кризата. Сепак, Ципрас мораше привремено да го одложи извршувањето на својата програма, за да му биде одобрен планот за 4 месеци, во рамките на кои ќе може да ги користи преостанатите средства и да се избегне нарушувањето на договорот. (Крај)
извор: АФП фото: архива