Охрид, 19. мај 2023 (ИНПРЕС) – Охридската Територијална противпожарна единица ќе спроведе акција за комплетно маркирање на сите подземни хидранти во Охрид, особено во Стар град.
Како што наближува летната сезона се актуелизира прашањето за состојбата на градската хидрантската мрежа. Командирот на охридската противпожарна единица Борко Јанкулоски за Супер радио и InPress вели дека ќе се направат напори подземните хидранти да се извадат надвор.
– Знаеме дека хидрантската мрежа во нашиот град е во катастрофална состојба, особено во стариот дел на градот, како Територијална противпожарна единица ќе направиме акција комплетно да ги маркираме сите подземни хидранти, особено во Стар град со цел, доколку успееме, истите да се извадат надвор, да бидат надземни. Како подземни не ни користат бидејќи над нив се паркираат и возила, потенцира Јанкулоски.
Справувањето со евентуална огнена стихија во стариот дел на градот е рак рана годиниве наназад. Има делови кои се речиси недостапни за поголеми противпожарни возила, а проблем претставуваат и автомобилите кои граѓаните ги оставаат на улица, како и збиениот тип на куќи.
Покрај ова, командирот Јанкулоски вели дека мора надлежните и сите засегнати страни да размислуваат, да се направат напори да се обезбеди пловен објект за интервенции на пожари од вода, што ќе го направи пристапот побрз и поефикасен, особено за делот кон Трпејца или Св. Наум. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес