ЈП „Охридски комуналец“: Ќе се казнуваат граѓаните кои нелегално одлагаат отпад
December 29, 2025

Охрид, 29. декември 2025 (ИНПРЕС) – За граѓаните кои одлагаат отпад нелегално ќе се спроведат сите мерки за откривање и казнување по закон, алармираат од ЈП „Охридски комуналец“ по честото создавање мини диви депонии.

Посочуваат дека дивите депонии не се само грда слика, туку сериозна закана за здравјето на сите нас и животната средина.

– Отпадот нелегално оставен на вакви места ја загадува почвата и подземните води, шири токсични материи и привлекува штетници и болести. Дополнително, службите излегуваат на терен чистејќи ѓубришта, трошејќи огромни ресурси коишто припаѓаат на сите граѓани. Доколку граѓаните го одлагаат отпадот онаму кадешто е дозволено на начин којшто е прифатлив овие пари ќе може да се насочат кон поважни нешта. Доколку имате отпад којшто не знаете каде да го одложите контактирајте нѐ на следниов телефон 075/397 – 944, велат од претпријатието.

Одговорноста за нашето здравје и чистотата на нашето живеалиште зависи од сите нас. Потсетуваат дека со правилно одлагање на отпадот го штитиме просторот во кој живееме и спречуваме долгорочни последици кои сите ги плаќаме, како сега така и во иднина. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива