Започна новата учебна 2025/2026 година
September 1, 2025

Охрид, 1. септември 2025 (ИНПРЕС) – Училишното ѕвонче денеска го означи почетокот на новата учебна 2025/2026 година за 245 илјади ученици во Република Македонија.

Настава ќе има до 10-ти јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15-ти мај.

Охридските основни и средни училишта подготвени го дочекаа стартот на учебната година во која за првпат во училишните клупи седнуваат 433 првоодделенци. Од денес започнува со работа новата училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин“, сместено во простоиите на поранешната Касарна.

„Белата чума“ веќе подолг период наназад го прави своето и за жал секоја година во Охрид, но и целата држава имаме сѐ помалку деца во училишните клупи.

Само убави спомени останаа сеќавањата на паралелки со по 33 или повеќе ученици, а градските советници скоро секоја година ги гласаат одлуките за формирање паралелки со помал број ученици од дозволениот минимум. Така беше и годинава, на седница во втората половина на месец јули беше дадена согласност за формирање паралелки со помалку од 20 ученици во основните училишта во Општина Охрид, како и за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во ОСУ„Св. Климент Охридски“ во Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива