Згаснува Агенцијата за промоција на туризмот – вработените преминуваат во Министерството за култура и туризам
July 30, 2025

Скопје/Охрид, 30. јули 2025 (ИНПРЕС) – Секторот туризам и официјално премина од министерството за економија во министерството за култура и туризам и престанува да постои Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, откако пратениците ги усвоија измените на Законот за туристичка дејност.

Сите постапки и сите вработени ќе преминат на една адреса, а тоа е министерство за култура и туризам, изјави ресорниот министер Зоран Љутков.

– Се надевам дека после осумте дена по објавувањето во Службен весник ќе пристапиме кон преземање на вработените, на имотот и се она што поседува Агенцијата за поддршка на туризмот. Она што е особено важно е што сега сите адреси ќе бидат упатени само кон една институција и повеќе нема да се плаќа кирија која ја плаќаше Агенцијата во Градскиот трговски центар, туку обезбедивме нови просторни услови за работа во зградата што сега ја користи министерството за енергетика, поточно првите два ката. Така што и тука ќе се намалат трошоците, ќе добиеме многу посоодветни услови, поцентрално место, повидливо и, конечно, сега продолжуваме комплетно како министерство за култура и туризам, рече Љутков.

Околу триесетина вработени од Агенцијата за поддршка на туризмот ќе преминат под министерството за култура и туризам, за што била направена измена во систематизацијата во министерството.

Со ребалансот на буџетот наменет за Агенцијата за поддршка на туризмот, во министерството за култура и туризам дополнително се обезбедуваат околу 600 милиони денари или околу 10 милиони  евра. Тие се распределени во неколку ставки и ќе бидат искористени за поддршка и промоција на културата и туризмот.

Министерот соопшти дека е формирана работна група за унапредување на дејноста туристичките водичи на состанок што го имале со нив и со здруженијата од државава.

Љутков посочи дека веќе е направена и средба со туристичките водичи од Македонија и на работен состанок е формирана работна група.

– Донесовме неколку заклучоци, за големите болки што ги имаат туристичките водичи, а и ние како држава – искривувањето на вистината на нелегалните туристички водичи коишто доаѓаат и од други земји, но и од нашава земја, и кои прават голема штета на Македонија. Во наредниов период ќе треба да ги спроведеме заклучоците и да се заштитиме од таквите влијанија понатаму, рече Љутков.

Паралелно со подготовката на нова стратегија за културата, по истекот на претходната во 2022, Министерството подготвува и Стратегија за туризмот за периодот 2027-2032. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива