Охрид, 10. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Од препознатливиот симбол на градот Охрид, Билјанините извори, и понатаму не истекува вода, а ваквата состојба трае веќе два месеци.
Идентична слика од изворите во овој период од годината имаше и изминатите години, а се должи на сушниот период скоро без врнежи од дожд. Во исто време водостојот на Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината. По минималниот раст, повтрорно се бележи негово намалување.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) нивото е на кота од 693,18 м.н.в што е за 13 сантиметри под просекот за октомври (693,31 м.н.в) и само 8 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 16 степени и е за 0,7 степени пониска од просечната за овој месец во годината.
Неодамнешните врнежи од дожд минимално ја подобрија хидролошката состојба на езерото, нивото порасна за два сантиметри, но сега повторно се бележи пад.
Локалитетот „Билјанини извори“ охриѓани често го нарекуваат и душата на градот. Бројни посетители, домашни и странски се определуваат токму за посета на изворите, а локалитетот е една од најголемите препознатливости на древниот град под Самуиловата тврдина. Ова место го користат за да пешачат и да се релаксираат, како и да избегаат од гужвата која владее во центарот на градот.
Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег.
Во Охрид денес сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 17. степени.
– Следува период на претежно стабилно време со пораст на дневната температура. Денес и во сабота ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес