Скопје, 7. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Од денеска, 7-ми октомври, македонските граѓани и компании можат да вршат и да примаат уплати во евра под истите услови како во Европската Унија, соопшти Министерството за европски прашања.
Со ова, земјата и официјално стана дел од Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА), што овозможува побрзи, поевтини и поедноставни трансакции.
– Со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар, соопшти Министерството.
Приклучувањето кон СЕПА е дел од активностите предвидени со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, додаваат од Министерството. Целта на планот е да се забрза економската интеграција на регионот со Унијата преку олеснување на пристапот до единствениот пазар, поттикнување инвестиции и унапредување на финансиските услуги.
Од Министерството за финансии велат дека на девет домашни банки им се одобрени апликациите за приклучување кон СЕПА и додаваат дека до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.
СЕПА (Единствената зона за плаќања во евра) е иницијатива на ЕУ која ги усогласува електронските плаќања во евра во 36 европски земји, овозможувајќи им на поединците и бизнисите да вршат плаќања во рамките на зоната исто толку лесно како што би правеле на домашно ниво. (Крај)
извор: Сакам да кажам фото: архива