Охрид, 6. октомври 2025 (ИНПРЕС) – По минималниот раст на езерскиот водостој повтрорно се бележи негово намалување, а и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР) нивото е на кота од 693,18 м.н.в што е за 13 сантиметри под просекот за октомври (693,31 м.н.в) и само 8 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода е 17 степени и е за 0,3 степени повисока од просечната за овој месец во годината.
Врнежите од дожд изминатите денови минимално ја подобрија хидролошката состојба на езерото, нивото порасна за два сантиметри, но сега повторно се бележи пад.
Во Охрид денес променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 14. степени.
– До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес/УХМР