Охрид домаќин на 24. Годишна конференција на Македонска берза
September 24, 2025

Охрид, 24. септември 2025 (ИНПРЕС) – Од утре до сабота во Охрид ќе се одржи 24. Годишна конференција на Македонска берза.

Градов уште еднаш ќе биде домаќин на врвни експерти од земјава и од регионот. Воведни обраќања ќе имаат главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази.

Експертите меѓу другото ќе дискутираат за македонските и регионалните економски перспективи, можностите и предизвиците за IPO и раст на домашни компании, за развојот на пазарот на капитал преку мултифондови и ЕТФ-ови, за важноста на малите берзи, влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување и ревизија, за трендовите во дигиталната трансформација на компаниите…

Според агендата, присутните ќе проследат и повеќе интересни интервјуа. На бината, Штериев ќе одговара на прашањата од новинарот Горан Теменугов, кој воедно е автор и водител на поткастот „Каде се парите?“, а на различни теми од светот на финансиите и берзите, ќе говорат Блаж Бродњак, главен извршен директор на НЛБ – Нова Љубљанска банка, Атила Тот – раководител на Секторот за развој на финансиски пазари и пазари на капитал во ЕБРД, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и извршниот директор на Неотел, Даме Цветковски. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива