„Подари компјутер” – хуманитарната акција на Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ 
December 26, 2025

Охрид, 26. декември 2025 (ИНПРЕС) – И оваа година, Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид заедно со професорот Дарко Цветкоски повторно ја организираат хуманитарната акција „Подари компјутер”.

Акцијата e со цел собирање стари компјутери и лаптопи што не се во активна употреба, но се функционални или можат лесно да се оспособат.

– Акцијата има за цел да им помогне на ученици и семејства од социјално ранливи категории, кои немаат соодветен пристап до компјутерска опрема неопходна за образование и секојдневно учење. Во современото општество, пристапот до компјутер и дигитални алатки е од клучно значење за рамноправно учество во образовниот процес. За жал, дел од учениците и понатаму се соочуваат со дигитална нееднаквост, што директно влијае врз нивниот успех и можности за развој. Токму затоа, преку оваа хуманитарна иницијатива, сакаме да поттикнеме солидарност и општествена одговорност кај граѓаните и институциите, велат од младинската заедница.

Кон акцијата може да се приклучат сите заинтересирани граѓани, компании и организации и да донираат стари компјутери, лаптопи, монитори, тастатури и друга придружна ИТ опрема што не ја користат. По потреба, дел од опремата ќе биде технички проверена и подготвена за употреба, а потоа донирана на оние на кои им е најпотребна. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива