Охрид, 19. август 2025 (ИНПРЕС) – Уметничкиот директор на фолк вечерта на „Охрид фест – Охридски трубадури“ Љупчо Соколовски најавува богато издание на фолк вечерта со која ќе започне 32 издание на фестивалот, на 29-ти август, на сцената „Долни сарај“.
И оваа година ќе видиме доста познати пејачи од македонската естрада. Ќе имаме нови 16 песни. Во оваа прилика некои адути нема да ги откријам, за да може да биде изненадување за публиката и на гледачите, вели Соколовски.
– Ќе набројам само дел од учесниците: Горан Тодоровски, Мишко Крстевски, Благица Павловска , група „Чардак“ , Кирил Белистојановски, Петар Нечовски, Драган Николовски, Нино Величковски, Милован Секуловски, Лазе Јанкуловски, Софија Пуровска и Ивана Серафимовска. Имаме различни автори застапени на фестивалот, што значи ќе имаме различни мелодии. Драго ми е што оваа година има доста музичари од Охрид кои ќе го изразат охридскиот мелос на најдобар начин, додава Соколовски.
Во ревијалниот дел ќе настапат Сузана Спасовска и Благоја Грујовски кои се присутни на „Охрид фест“ подолго време. Благоја Грујовски ќе настапи со песната „Ноќва Охрид не спие“ која беше победничка на минатогодишниот фестивал, а Сузана Спасовска ќе настапи со „Невеста охридска“ која за првпат ќе биде изведена на „Долни сарај“.
Потенцира дека како и лани и годинава ќе продолжи неговата заложба на фестивалот да доминираат мандолината, тамбурата, виолината и кларинетот, да се чуе старата охридска песна.
Многу компетентни критичари во музичката фела и новинари дадоа позитивна критика дека фестивалот прерасна меѓу еден од најдобрите во нашата земја со квалитетни песни. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива