Охрид, 10. октомври 2025 (ИНПРЕС) – Ученици од РЦСОО „Ванчо Питошески“, под менторство на психологот Даница Скрческа и професорот Ристо Николески, се меѓу петте одбрани тимови во рамки на повикот за Service Learning средношколски проекти, поддржан од проектот „LEADing Forward: зајакнување на капацитетите за одржлив развој“, кој го спроведува SMART Balkans.
Охридскиот тим ќе го реализира проектот „Оброк + заедничка активност – Храна без отпад за сите“, чија цел е да се намали отпадот од храна и да се помогне на ранливи категории во заедницата. Преку активности на учениците и наставниците, ќе се подготвуваат здрави оброци од намирници, ќе се компостираат остатоци и ќе се организираат дружења со лицата на кои им е најпотребна поддршка.
Овој повик им овозможи на средношколците од целата држава да ги претворат своите знаења во конкретни акции за општествена добробит. Од бројните пристигнати апликации, токму проектот на охридскиот тим беше издвоен како пример за иновативен пристап, општествена одговорност и практична примена на стручното образование. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива