Охрид, 20. април 2026 (ИНПРЕС) – Охриѓанката Јана Голабоска е студент на Факултетот за драмски уметности, отсек филмска и тв режија. Љубовта кон филмот кај неа се развиваше постепено, но пресудниот момент дојде по завршувањето на средното образование.
Иако уште од детството беше во контакт со театарот преку нејзиниот татко, а во средно со свои врсници создаде авторска претстава, сепак филмот ја освои. Фокусирана е на реалистични драми и документарци, а искуството од театарот ѝ помогнало да ја изгради вештината на работа со актери и создавање улоги.
Во интервју за InPress и Супер радио открива како помина нејзиниот прв краток игран филм, подготовките за новиот, но и од каде црпи инспирација и што ја релаксира.
InPress: Ти си студент на ФДУ, отсек филмска и тв режија. Како падна изборот на факултетот и конкретно режија?
Голабоска: Изборот беше спонтан. Љубовта кон филмот се развиваше во втор план сé додека не завршив средно образование. Тогаш сфатив дека не се пронаоѓам во ништо друго, па одлучив да почекам 3 години за да се отвори повторно филмска катедра на ФДУ и да го запишам тоа што навистина го сакам и сметам дека не згрешив во тоа.

InPress: Иако одлучи да се посветиш на филмската уметност, ти имаш играно и во театарски претстави. Кажи ни нешто и за тоа.
Голабоска: Покрај татко ми, уште од мала бев во контакт со театарот, а во средно со другари одлучивме да направиме наша авторска претстава, сами ја режиравме и сами глумевме во неа, и иако процесот на работа и целокупното искуство ми беше многу интересно, мислам дека тој момент беше пресуден да се одлучам за филм наспроти театар. Отсекогаш повеќе ме влечеле реалистичните драми и документарци, наспроти тетарот кој сметам дека не може да ја претстави реалноста како што може филмот. Но, во секој случај театарот многу ми помогна во работата со актерите и целиот процес на градење на улогите.
InPress: Неодамна охридската публика можеше да го погледне твојот краткометражен филм „Сведоци“. Со какви предизвици се соочи при снимањето?
Голабоска: „Сведоци” беше мојот прв краток игран филм. Тој е слика за едно рамнодушно општество кое ја следи Ана во нејзиното соочување со сопствениот страв при ненадејна средба со својот поранешен партнер. Првиот предизвик со кој се соочив беше самото сценарио, сакав да го направам што пореалистично, без експлицитно да прикажам насилство, а притоа да ја претставам ранливоста на протагонистот. Дополнително, работата со чувствителна тема бараше внимателен пристап и од режисерска и од актерска страна, за да се избегне пренагласеност. Дополнително, како и кај повеќето студентски филмови, работевме без буџет, но благодарение на екипата, процесот помина полесно.

InPress: Колку си задоволна од резултатот и каква беше реакцијата на публиката? Дали со твои дела имаш учествувано и надвор од Македонија?
Голабоска: Пред сé мислам дека многу научив од овој филм, резултатот беше солиден, но секогаш има простор за подобрување. Сметам дека сите грешки што ги направив за „Сведоци” само ми помогнаа подобро да го разработам новиот филм на којшто моментално работиме.
Реакциите на публиката беа позитивни, иако сé уште не е прикажан на многу места. Аплициравме на повеќе фестивали низ државата, но и на Балканот и во Европа, па се надеваме на позитивни одговори.
Исто така, со „Сведоци” освоивме награда за консултации за сценарио, на работилницата за презентирање (пичинг) на идеја за краток филм Индустрија Младост при Филмскиот Фестивал во Загреб.

InPress: Во тек се подготовките за испитниот краток филм „Пастрмка“, реализиран е и кастинг… Што можеш да ни откриеш за новиот филм, каква приказна ќе раскажува?
Голабоска: „Пастрмка” е социјално ангажиран краток филм инспириран од вистински настан. Се работи за татко кој се обидува на секаков начин да обезбеди термин за преглед за своето дете. Моментално сме во подготовки за снимањето и се надеваме дека филмот ќе биде комплетно завршен до крај на септември.
InPress: Што правиш за да се релаксираш, со оглед на тоа што си и вљубеник во природата, како изгледа еден обичен ден без обврски на Јана Голабоска?
Голабоска: Најчесто се враќам во Охрид, гледам да поминам што повеќе време со фамилијата и пријателите, планинарам или на каков било начин сум во природа. Се обидувам колку што е возможно да ја избегнам градската динамика и да си дадам простор за одмор. (Крај)
извор: ИнПрес фото: Јана Голабоска
