Анкара, 7. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Турција е подготвена на секакви активности во рамките на борбата со џихадистите во Сирија, но само ако меѓународната заедница креира координирана стратегија против режимот на сирискиот претседател Башар Асад, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Запрашан во интервју за CNN – дали Турција може да испрати трупи во Сирија, Давутоглу одговори дека тоа може да се случи само ако „и другите дадат свој удел“. Тој истакна дека е потребна „интегрирана меѓународна стратегија против Асад, а не само против „Исламската држава“, за да се обезбеди трајно решение на сириската криза.
– Ние сме подготвени да направиме се, ако има јасна стратегија дека по „Исламската држава“ ќе можеме да бидеме сигурни дека границите ќе ни бидат заштитени, рече уште Давутоглу.
Минатата недела турската влада доби одобрение од парламентот за воена акција против „Исламската држава“, но армијата сеуште не се вмеша, иако џихадистите напредуваат кон сирискиот град Коба на турската граница.
– Ако Асад остане на власт, а „Исламската држава“ ја нема, може да се појави друга радикална организација. Нашиот пристап треба да биде поширок и комбиниран, рече уште Давутоглу. Тој додаде дека Анкара смета дека е „изненадувачки и шокантно” тоа што некои лидери нуделе Турција да соработува со сирискиот режим во текот на сегашната криза. „Соработката со еден ѓавол против друг не треба да биде патот на меѓународната заедница“, коментира турскиот премиер. (Крај)
извор: АФП фото: АП
