Сараево, 23.јули 2015 (ИНПРЕС) – По стотина години војни и несреќи, време е да имаме стотина години мир, рече во среда за време на посетата на Белград бошњачкиот член на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ.
Членовите на Претседателството на БиХ Драган Човиќ, Бакир Изетбеговиќ и Младен Иваниќ допатуваа во среда во Србија на повик на српскиот премиер Александар Вучиќ, а по состанокот и заедничката прес конференција заедно се прошетаа низ центарот на Белград.
Изетбеговиќ оцени дека „денеска е испратена вистинска порака – дека нема живот во регионот без доверба“, а Вучиќ порача дека народите „во последните 15 дена имале шанса многу да научат едни од други“, но најважна е пораката за иднината што треба да се гради заеднички „со внимание, одговорност и сериозност“.
Српскиот член на Претседателството на БиХ Младен Иваниќ рече дека „навистина се надева“ дека по денешната посета на Белград, „посебно кај Бошњаците, бошњачките политички лидери, ќе има подготвеност за вистински пружената рака и конечно да се стави точка на сè што се случуваше пред 20 години“.
Под засилени безбедносни мерки, Вичиќ и неговите гости се задржа во познатата белградска кафеана Коларац, каде што локалните музичари на гостите им ја отсвиреа песната „Сарајево, љубави моја“. На Калимегдан ги дочека фолклорен ансамбл со ора од Србија, а Вучиќ потоа со Изетбеговиќ одигра партија шах.
Состанокот во Белград уследи на повик на Вучиќ по инцидентот на 11 јули кога на комеморацијата на сребреничките жртви во Поточари беше нападнат српскиот премиер и државната делегација на Србија, а Вучиќ потоа порача дека, без оглед на непријатностите, неговата рака за помирување останува.
На заедничката прес конференција беше порачано дека „Србија и БиХ отвориле нова страница на заедничката историја“, со сугестија дека „историјата треба да им се остави на историчарите“, како и дека политичарите и претставниците на власта имаат обврска да гледаат напред и да работат во интерес на граѓаните и развојот на своите држави и регионот. (Крај)
извор: Макфакс фото:архива
