Охрид кеј Македонија сонце гужва бродови катамарани
Охрид/Скопје, 7. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Во текот на 5-та недела од 2025 година (од 27-ми јануари до 2-ри февруари) во Република Македонија се пријавени 3 036 случаи на групни пријави за заболени од грип – заболувања слични на грип, 61,7 отсто повеќе во споредба со претходната недела, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од нив 1 650 лица се на возраст од 15-64 години, 720 кај деца на возраст од 5-14 години, 412 кај деца на возраст од 0-4 години и 254 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.
– Заболените се пријавени од 29 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 978, Кавадарци – 327, Струмица – 320, Куманово – 168, Охрид – 156, Битола – 143, Штип – 103, а во останатите, бројот на заболени е ≤100. Во 4 извештајни единици кои пријавија случаи се регистрира многу ниска, во 6 – сезонска, во 9 – средна, во пет – висока и во исто толку (Ресен, Кавадарци, Кратово, Свети Николе, Струмица) – многу висока активност на вирусот на грип, стои во извештајот.
Во сезоната 2024/2025 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 8 734. Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 0,8%. Најмногу заболени сезонава се регистрирани минатиот месец.
Заклучно со 5. недела, во Република Македонија се вакцинирани вкупно 72 373 лица со бесплатна или комерцијална вакцина. (Крај)
извор: ИЈЗ фото: ИнПрес
