Охрид, 10. Јуни 2026 (ИНПРЕС) – Во рамки на проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ се спроведуваат научни истражувања на пештерските екосистеми.
Пештерските организми се високо специјализирани организми кои поседуваат специфични и често пати необични адаптации.
– Организмите кои живеат само во пештерите и никогаш надвор од нив се наречени троглобити. Овие видови обично поседуваат специфични адаптации кои им овозможуваат опстанок во пештерските екосистеми. Редукцијата на очите и нивно потполно исчезнување е нивна карактеристика. Троглобитите имаат често депигментирана надворешна обвивка на телото, па затоа нивната боја е често пати млечно бела, жолтеникава или светло црвеникава. Имаат зголемена чувствителност за мирис и допир што е поврзано и со појава на издолжени антени и екстремитети со долги влакна и четини, велат реализиторите на проектот.
Во НП „Галичица“ живеат троглобити од различни систематски групи, како: тврдокрилци и други инсекти, пајаци, изоподи, лажни шкорпии и сенокосци.
– Истражувањето на пештерската фауна не е само работа на терен — тоа е спој на посветеност, трпение и научна прецизност. Часови поминати во пештери, собирање на милиметарски примероци во тешки услови, во потполн мрак и често пониски тепмератури на воздухот и подоцна детална анализа на собраниот материјал под микроскоп се дел од процесот што овозможува добивање квалитетни и сигурни резултати. Користењето микроскоп овозможува детекција и идентификација на ситни морфолошки карактеристики, клучни за добивање точни научни резултати, додаваат реализиторите на проектот.
Проектот „Заштита на пештерските екосистеми од влијанијата на климатските промени и воспоставување одржлив систем за одговор на катастрофи во Националниот парк Галичица“ е поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, а го спроведуваат Црвен крст Охрид и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со паркот. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива
