Охрид, 8. мај 2026 (ИНПРЕС) – Со повеќе активности охридскиот Црвен крст ќе го одбележи Светскиот ден и неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
На 8 мај 1828 роден е големиот хуманист Анри Динан, основополжник на идејата за движењето на Црвениот крст. Во негова чест денешниот ден се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а седмицата од 8-ми до 15-ти мај како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина.
По тој повод, Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина и под мотото „Хуманоста обединува“ организира бројни активности со цел подигање на свеста за значењето на основните принципи, мисијата и визијата на организацијата и воедно изразување на почит, признание и благодарност на волонтерите, партнерите и поддржувачите за нивната несебична поддршка.
– Во рамки на активностите во средата успешно беше рeализирана крводарителска акција во ФТУ. За денес е предвиден Отворен инфо ден – прием во седиштето на Црвен крст Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид и Дебрца, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст. Во 12:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан (седиште на Црвен крст Охрид), информираат од организацијата.
Во периодот од 8-ми до 15-ти мај, кога трае Неделата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, предвиденио е да се поделат хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца, потоа бројни хуманитарни активности на јавни места со истакнување и промоција на хуманоста, солидарноста и волонтерството во заедницата со акцент на младите волонтери во Црвен крст Охрид и нивниот придонес во заедницата, како и работилници за дисеминација-ширење на знаењата за Црвениот крст за различни целни групи. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
