May 11, 2023

Охрид, 11. мај 2023 (ИНПРЕС) – Денешниот ден, 11-ти мај, е посветен на подигнувањето на свесноста за значењето и влијанието на сообраќајната култура врз безбедноста во сообраќајот.

Препознавајќи ја потребата да се зајакне свеста за културата во сообраќајот, на 11-ти мај 2015 година, во Унгарија, со поддршка на Светската здравствена ореганизација, за првпат е организиран настан кој прерасна во традиционална манифестација позната како „Ден на културата во сообраќајот“.

Сообраќајната култура претставува начин на перцепирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесници во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

Секоја чест на исклучоците, но сообраќајната култура, етиката, толеранцијата во сообраќајот, сè уште не се на задоволително ниво.

Нема достапен опис

Она што треба да биде нормално сообраќајно поведение, придржување кон знаците, правилата и прописите се почитува или кога ќе има присуство на полициски службеници или ако за истото се пишуваат казни.

На оваа тема сме пишувале многу пати, но постојано е актуелна.

Низ Охрид секојдневно сме сведоци, а до нашата редакција пристигнуваат и фотографии на автомобили поткачени на тротоар, оставени на велосипедска патека, велосипедисти кои возат по коловоз иако имаат обележана велосипедска патека, преминување улица на небезбедни места, прескокнување граничници на кружните текови…

11-ти мај – Ден на сообраќајната култура. Ја има ли низ охридските улици?

Зголеменото присуство на полициските службеници ги научи возачите да ги пропуштаат пешаците на пешачките премини, а пешаците во голем дел се научија да префрлаат улица на обележано место, иако рака на срце сé уште има некои кои претрчуваат на пример на булеварот „Туристичка“, кај Шпаркасе банка, иако тука од поодамна веќе нема пешачки премин.

Граѓаните бараат почитување на сите постоечки законски регулативи и ставање ред, истите да важат подеднакво за сите, но и поголема активност на соодветните служби, полицијата, пајак службата и сите останати сегменти кои можат и треба да внесат ред во оваа област.

Нема достапен опис

Дел потсетуваат дека се итно потребни толку ветуваните катни гаражи, особено во централното градско подрачје, со што се очекува конечно да се стави ред и во оваа област.

Човечкиот фактор е еден од клучните елементи кои влијаат на нивото на безбедност во сообраќајот. Процесот на промена на навиките и културата на однесување во сообраќајот е бавен, но затоа секој од нас преку личен пример треба да придонесе за побезбеден сообраќај. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес