Д-р Бојчески: Исхраната има важна улога во постигнување спортски резултати и одржување добра здравствена состојба на спортистот

Д-р Бојчески: Исхраната има важна улога во постигнување спортски резултати и одржување добра здравствена состојба на спортистот

Охрид, 9. јуни 2023 (ИНПРЕС) – Стручно и научно е докажано дека исхраната има важна улога во постигнување на спортски резултати и одржување на добра здравствена состојба на спортистот.

Токму правилната спортска исхрана на спортистите е посебна опсесија во научната работа на примариус д-р. Оливер Бојчески, специјалист по спортска медицина и специјалист по медицина на трудот и раководител на амбулантата за спортска медицина (регионалниот центар по спортска медицина за Струга, Охрид, Кичево и Дебар).

Автор е на повеќе книги, а најнов негов ангажман е да биде одговорен за медицинскиот тим, исхрана и психолошка подршка во ФК Струга Трим и Лум.

Супер радио: Повод за нашиот разговор е освојувањето на шампионската титула на ФК Струга Трим и Лум каде Вие сте одговорен за медицинскиот тим, исхрана и психолошка подршка. Кажете ни д-р Бојчески како е да се биде одговорен за сите овие работи на најмладиот шампионски фудбалски тим во нашата држава и на што се должи овој голем успех.

Д-р Бојчески: Најпрво да спомнам дека, тука, во овој регион постојат бројни успешни клубови, поединечни спортисти како и спортски работници кои се шампиони во своите дисциплини и категории. Горд сум што сум и дел од сите нив, соработувам со нив, несебично, во рамките на моите и нивните можности.
ФК Струга Трим и Лум е една посебна успешна приказна со која сум уште од самиот почеток па се доостварување на овој спортски успех. Формулата за успешност не е ниту посебна ниту новооткриена, туку се состои во примената на високо професионален пристап, знаење и стручност за постигнување на однапред зацртана и добро дефинирана цел во која секој си ја знае својата работа а во исто време ја почитува туѓата, со постојана соработка и близок контакт помеѓу играчите-стручниот штаб и секако раководството на клубот. Самиот наслов кај моето име како доктор одговрен на медицински тим, исхрана и психолошка подршка укажува на огромниот обем на работа што треба да се изврши.
Таа задача ја извршувам со огромна подршка и работа на медицинскиот тим и надворешни соработници, на кои им благодарам за соработката бидејки без нив не би можел сам да поминам низ огромната проблематика на спортските повреди и рехабилитацијата. Секако им благодарам и на сите спортски работници кои биле дел од стручниот штаб низ изминатите години со кој секогаш изворедно комунициравме и делевме разни проблематики.

Супер радио: Стручно и научно е докажано дека исхраната има важна улога во постигнување на спортски резултати и одржување на добра здравствена состојба на спортистот. ФК Струга Трим и Лум е еден од ретките клубови ако не и единствен во државата кој направи своја специјална кујна за спортска исхрана на своите играчи. Што би можеле да ни кажете околу тоа?

Д-р Бојчески: Правилната спортска исхрана на спортистите е моја посебна опсесија во научната работа. Ја проучував светската нутриционистичка литература, а потоа врз база на нашата балканска кујна, антропометриски и метаболички карактеристики како и општите светски препораки за спортска нутритиција, успеав да напишам заедно со моите соработници (коавтори) три книги за спортска исхрана: „Исхрана во спортот“. „Спортско-медицински основи на правилната исхрана во спортот“ и „Практична спортска исхрана“, во кои се образложува вистинската цел на правилната спортска исхрана за постигнување и одржување на правилна физичка конституција за спортување во склад со добро здравје.
Со отворањето на кујната мојата работа во клубот се дуплира со уште потешки и поголеми обрски, но добив можност се она што теоретски го знаев сега практично да го спроведам. Благодарност изразувам кон вработените во кујната кои секојдневно ги спроведуваа менијата во количина, квалитет и време, кои внимателно ги давав врз база на натпреварувачкиот циклус и спортските побарувања. Сметам дека и нутрицијата која се спроведе си има свој удел во успехот, покрај другите огромно значајни фактори како што се физичка припрема, техничко-тактичка подготвеност, стратегија и др.

Супер радио: Што значи тоа психолошка подршка? Можете ли тоа накратко да ни го опишете?

Д-р Бојчески: …Да ги тргнеш рацете од покриеното и плачливо лице на играчот кога не му оди на теренот…… да му дадеш надеж за брзо враќање на спортското борилиште иако знаеш дека ќе потрае време за негова рехабилитација,…..и покрај огромната лутина што ќе ја чуствува кон тебе ако го исклучиш од тренинг поради повреда и болест, да му докажеш дека тоа го правиш за негово добро и дека здравјето е најважно, а не спортскиот терен, зошто одговорноста не е само пред играчот туку и пред неговото семејство и понатамошниот негов живот.

Супер радио: Автор и коавтор сте на пет книги со наслов „Спортски повреди“ „Кардиологијата и спортот“, како и претходните наслови на книгите за правилна спортска исхрана и уште над 30 научно — стручни трудови. Кажете ни дали сето тоа вреди во денешно време кога сé помалку се чита од книги, а уште поретко пишува.

Д-р Бојчески: Секогаш кога работев и пишував се прашував дали вреди? Но, сепак продолжував и продолжувам без прекин од денот кога ја завршив специјализацијата по спортска медицина па сé до ден денес. Најпрво пишував бидејќи немаше доволна стручна литература од ова област на македонски јазик, а потоа како одеше моето професионално усовршување и работата со клубовите и спортистите така се редеа сé повеќе научни и стручни сознанија кои несебично сакам да ги споделувам со моите колеги и спортски работници со цел сите заедно да дојеиме до подобри спортски резултати и се разбира подобро здравје на спортистите и сите оние кои се занимаваат со спорт.
Никогаш не сум се водел од економската добивка (бидејќи и нема економска добивка) и дали некој ќе го вреднува мојот труд, јас продолжувам да творам за спортско и научно богатство на спортистите на мојата држава – Република Македонија. Но, исто така мило ми е да истакнам дека некои книги и стручни трудови се преведени и на англиски, албански и српско-хрватски јазик и како такви ги користат моите колеги во соседните држави.

Супер радио: Кои се плановите за понатаму д-р Бојчески?

Д-р Бојчески: Верувајте само здравје, другото е помалку важно. Сега знам дека ми е потребен одмор и време за мојот спорт и љубов кон планините, односно за планинарењето. Често ја користам изреката „широк поглед, широки мисли“ и затоа таму најубаво се чуствувам, одморам, спортувам и размислувам што понатаму
Да спомнам дека дека оваа година амбулантата по спортска медицина има јубилеј – 15 години од нејзиното формирање за што се надевам ќе имаме и посебна пригода. И за крај да спомнам дека јас и мојата екипа (сестрите) ќе продолжиме да даваме постојана грижа и здравствено-спортска логистика на сите клубови и спортисти. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива