Лос Анџелес, 14. март 2024 (ИНПРЕС) – Добивањето „Оскар“ е едно од најголемите достигнувања во филмската индустрија, но победниците мора да потпишат договор со Академијата и да следат едно строго правило.
Годинава Килијан Марфи, Роберт Дауни Џуниор и Ема Стоун беа само дел од актерските ѕвезди што освоија „Оскар“. Тие ќе мора да почитуваат посебно правило во врска со златната статуетка и што точно можат да направат со неа. На победниците им е забрането да се обидат да ја продадат својата награда, освен ако претходно не исполнат одредени услови.
– Добитниците на наградите не смеат да ја продаваат или на друг начин да ја отуѓуваат статуетката, ниту да дозволат таа да биде продадена или одземена со закон, без претходно да ѝ ја понудат на продажба на Академијата за еден долар – се наведува во правилата на Академијата.
Иако статуата е позлатена, победниците се обврзани да ѝ ја понудат на Академијата за само еден долар доколку одлучат да ја продадат.
– Оваа одредба ќе важи и за наследниците на добитниците на „оскар“, кои можат да ја добијат статуата како подарок или наследство – гласи правилото, кое е во сила од 1951 година и дури доведе до тужби против оние што не го почитувале.
Во 2014 година Џозеф Тутал го дал на аукција „Оскарот“ што го добил неговиот вујко Џозеф Рајт во 1943 година. Успешно го продал за 79.200 долари, но Академијата потоа ги тужеше Тутал и аукциската куќа за прекршување на договорот. Судот во Калифорнија пресуди во корист на Академијата, принудувајќи го лицето што победи на аукцијата да ја врати статуетката. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: архива