На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата

Скопје, 19. март 2024 (ИНПРЕС) – На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата до Државната изборна комисија (ДИК).

Засега четворица кандидати кои собраа граѓански потписи поднеле кандидатура до ДИК – актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Потписи за кандидатура за претседател собраа и Гордана Силјановска Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Билјана Ванковска поддржана од Левица и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

Кандидатурите треба да бидат потврдени од членовите на ДИК и тогаш тие и официјално ќе станат претседателски кандидати. Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4-ти април.

Сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите.

Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик предвидено е во Избирачкиот список да бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, согласно со актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на државата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес