Партиите со претседателски кандидат ќе може да ги задржат редните броеви и за парламентарните избори

Партиите со претседателски кандидат ќе може да ги задржат редните броеви и за парламентарните избори

Скопје, 2. април 2024 (ИНПРЕС) – На претстојните парламентарни избори политичките партии кои учествуваа во одредување на редоследот на претседателските кандидати кои ги предложиле или поддржале, ќе може да го задржат иститот реден број.

Ова е суштината на Законот за изменување и дополнување на Изборниот закон, кој беше донесен на собраниска седница, со што, како што беше образложено, се допрецизираат одредбите за определување на редниот број на гласачкото ливче за двата изборни процеси.

Политичките партии кои предложиле или поддржале кандидат за претседател на државата да можат да ги задржат извлечените редни броеви и за парламентарните избори за поедноставна презентација пред граѓаните. Другите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на ждрепка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.

– Заради поедноставување на постапката на определување на реден број на гласачкото ливче подносителот на листата на кандидати за претседател на државата ќе може со писмена согласност да дозволи неговиот реден број истовремено да се користи и на гласачкото ливче и за друга листа на кандидати за друг на вид на избори доколку кандидатот, односно кандидатите се поддржани од иста политичка партија или коалиција или користат ист симбол“, појасни пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ кој ја предложи оваа точката на дневниот ред на седницата.

На извлекувањето за редоследот на претседателските кандидати, што се одржа пред една недела во Државната изборна комисија, Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат на СДСМ, го доби првото место на гласачкото ливче, под број два ќе биде Гордана Силјановска Давкова, предложена од на ВМРО-ДПМНЕ, бројот 3 го доби Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четворката му припадна на Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска од Левица е петта на листата, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ е со бројот шест, а кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кандидат на партијата ЗНАМ е со бројот седум.

Со донесените измени на Изборниот закон практично во членот 68 по став (3) се додава нов став (4) кој гласи: „ Доколку во ист период се одржуваат повеќе видови на избори, подносител на листа на кандидат/и чиј што реден број на гласачкото ливче е определен согласно став (1) од овој член може со писмена согласност да дозволи неговиот реден број да се користи истовремено на гласачкото ливче и за друга листа на кандидат/и за друг вид на избори, доколку
кандидатот/ите се поддржани од иста политичка партија или коалиција и/или користат ист симбол, за што задолжително ја известуваат Државната изборна комисија“. Ставовите (4) и (5) стануваат ставови (5) и (6). (Крај)

извор: Фокус фото: архива