Скопје/Охрид, 2. април 2024 (ИНПРЕС) – И државни и институции под капата на локалната самоуправа во Охрид не доставиле податоци за моторните возила со кои располагаат, ниту доставиле информација дека не располагаат со службени возила, односно располагаат со службени возила опфатени со Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, објави Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Над 1.000 институции како министерства, општини, судови, болници, училишта, јавни претпријатија се најдоа на оваа листа, меѓу нив и институции од Охрид, на субјекти кои не ја исполниле законската обврска.
Меѓу институциите од Охрид се локалната самоуправа, јавните претпријатија, основни и средни училишта, дел високо образовни установи, јавно здравствени, образовни и културни установи.
– Согласно со член 8-б став 2 од Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал, се должни во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори, до Државната комисија заспречување на корупцијата, да достават податоци за бројот, видот, регистарската таблица и возната состојба на моторните возила со кои располагаат, соопштија од ДКСК.
Од Антикорупциска додаваат дека доколку институциите не ги достават податоците, ќе покренат прекршочна постапка во рок од 15 дена од истекот на рокот за доставување на податоците.
– Имајќи предвид дека постои правна празнина, односно во Изборниот законик не се предвидени прекршочни санкции за непочитување на наведената обврска, ДКСК нема можност за покренување на прекршочни постапки по овој основ, велат оттаму.
Па така, токму во насока на транспарентно информирање на јавноста е објавена листата на институции кои не ја исполниле законската обврска. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива