Охрид, 19. април 2024 (ИНПРЕС) – Следниот четврток, 25-ти април, во Охрид ќе биде промовирана најновата книга на охриѓанецот Јордан Коцевски насловена „Тајни“.
Книгата е продолжение на неговиот роман „Тегли“, во издание на „Антолог“. Се случува три години по настаните од „Тегли“ и во центарот на вниманието е приказната на инспекторот Саше Левески, неговото минато и причините поради кои во „Тегли“ ја носи морално сомнителната одлука да ја спаси Розе и да помогне во затскривањето на убиството на главниот негативец.
– Во „Тајни“ тој е соочен со одлуката да продолжи да ги крие „духовите“ од минатото и да донесе неморална одлука, или неговата тајна да излезе на виделина по цена да остане доследен на својот етички кодекс. „Тајни“ нема да е продолжение на „Тегли“ ако во целата приказна не се вмеша Златко за да му ја олесни одлуката. Но, наместо тоа, и двајцата неволно се наоѓаат во ситуација во која не знаат што и зошто се случува, и мора да се борат за да преживеат, стои во краткиот опис за делото.
Промоцијата ќе се одржи во кафе барот Shilla, со почеток во 19:00 часот. Промотор на книгата ќе биде Мерсиха Исмајлоска. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива