Warning: Attempt to read property "post_excerpt" on null in /home2/totomk/public_html/new.inpress.mk/wp-content/themes/darknews/single.php on line 43
Загреб/Сплит, 13. јануари 2015 (ИНПРЕС) – Бројната македонска заедница во Република Хрватска со големо внимание го пречека епилогот на хрватските претседателски избори.
Колинда Грабар-Китаровиќ ја доби изборната победа како кандидат на Хрватската демократска заедница (ХДЗ). Претседателот на втората најголема подружница на ХДЗ во Хрватска, Петар Шкориќ од Сплит, одговори на прашањето за тоа што можат хрватските Македонци и македонските Хрвати да очекуваат во мандатот на новата претседателка. Шкориќ вели дека Хрватска и Македонија ги врзува историско пријателство и дека без оглед на политичките опции кои последните две децении се менувале во двете држави, тоа пријателство и нивната соработка остана клучна вредност и насока во која ќе делува новата претседателка. Тој посебно се осврна на своето искуство со македонските здруженија и организации од Сплит и Далмација со кои лично соработувал и кои безрезервно го поддржале во сите европски идеи, кои најдоа плодна почва во Далмација и во Хрватска, пишува МКД.мк.
Кога е во прашање Македонија, Шкориќ ја апострофира и новоизбраната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ која не само што вети дека ќе ја поддржи Македонија во нејзините европски аспирации, туку ќе ги подржува европските насоки на малцинските права на Македонците во Хрватска и Хрватите во Македонија.
Почесниот конзул на Република Македонија во Хрватска, проф.д-р Горан Калоѓера без оглед на навидум неочекуваниот резултат на претседателските избори, вели дека од новата претседателка очекува да го одржи воспоставениот континуитет на одлична соработка помеѓу Република Хрватска и Република Македонија. Што се однесува до т.н. реципроцитет меѓу обете малцинства, Калоѓера смета, заложбата на новоизбраната претседателка дека целосно ќе застане зад Хрватите кои живеат во земјите од опкружувањето на Хрватска, во остварувањето на нивните права е став кој секако треба да се поддржи и целосно е оправдан во нејзината програма. Македонското малцинство во Хрватска е дел од хрватскиот Устав, што не е случај со Хрватите во Македонија.
Членот на Советот за национални малцинства при хрватската Влада, Ангел Митревски, беше дециден:
– Од 1991 година, од самостојноста на Хрватска се сменија неколку претседатели и состојбата со правата на Македонците во Хрватска се повеќе се подобруваше. Тој континуитет го очекувам и од новата претседателка. Стандардите се веќе поставени, само треба да се продолжи натаму во реализација на мислата на поранешниот претседател Фрањо Туѓман дека малцинствата се богатство и тие секако треба да се подржат во нивната интеграција, а не асимилација.
Митревски се надева дека новоизбраната претседателка ќе ја реализира политикатаХрватска да биде отворена врата за Македонија кон НАТО и ЕУ.
И претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска, Илија Христодулов, очекува добра соработка со новата претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и секако, поддршка на се она што Македонците во Хрватска го прават за зачувување на својот национален идентитет. (Крај)
извор: МКД.мк фото: архива
