Охрид, 4. ноември 2024 (ИНПРЕС) – Клубот за грижа за стари лица при Црвен крст Охрид објави литературен и ликовен конкурс на тема „Животот е убав“.
Распишан е во рамки на активностите за Неделата на грижа за стари лица од 18-ти до 24-ти ноември, со цел развивање на креативната компонента и подигнување на свеста за промоција на хуманоста, солидарноста, почитувањето, убавините на животот и делотворноста кај целата популација, особено кај младите и децата во нашата потесна и поширока заедница.
– На конкурсот може да учествуваат учениците од основните и средните училишта на општините Охрид и Дебрца и друга популација, со поезија, проза и ликовна уметност. Ликовните и литературните творби може да се доставуваат во просториите на Црвен крст Охрид, ул. Димитар Влахов бр. 52, или да се испратат на е-маил: ohrid@redcross.org.mk, најдоцна до 22-ри ноември. Творбите треба да бидат потпишани од авторот со податоци за име и презиме, возраст, училиште- одделение/клас, контакт телефон и адреса на живеење, информираат од Црвен крст Охрид
Творбите ќе ги разгледува и оценува комисија, наградените творци по категории: прво до петто одделение; шесто до девето одделение и средно образование и други, ќе се објават на 25-ти ноември, а ќе бидат доделени на посебна свеченост што ќе се одржи на 28-ми ноември во просториите на Црвениот крст. (Крај)
извор: ИнПрес фото: ИнПрес
