Следната недела втор владин повик за финанасирање инфраструктурни проекти, Општина Охрид планира да бара средства за проектот за Свињишки извори
February 5, 2025

Скопје, 5. февруари 2025 (ИНПРЕС) – Следната недела ќе биде објавен вториот повик за финансиска поддршка на општините за реализација на капитални инфраструктурни проекти.

На располагање на општините ќе им бидат ставени 15 милијарди денари, а одобрените средства од централниот буџет не мора да бидат потрошени во тековната фискална година.

– Ова се значајни средства кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните, рече на прес конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели дека критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување на документи и за отпочнување на постапка за јавна набавка, односно ќе се одлучува врз основ на два критериуми: по глава на жител на резидентното население во секоја општина согласно последниот попис и комплетноста на потребната проектна документација со сите потребни дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци.

Додаде дека со првиот повик финансиска поддршка добија 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од нешто повеќе 4,5 милијарди денари. 251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен, а 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач.

Општина Охрид на првиот објавен повик аплицираше со 10 проекти и сите беа одобрени, а се од областа на животната средина и просторното планирање.

Десетте општински проекти што се одобрени се:

– Реконструкција на улица во село Пештани;
– Реконструкција на улица во село Подмоље;
– Реконструкција на улица во село Долно Лекочереј;
– Реконструкција на водоводна линија на улицата „Кленоец“, ЛТХ „Леарница“;
– Реконструкција на пешачки улици во рамките на Градските гробишта во Охрид;
– Реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црквата „Свети Атанасиј“;
– Проект за замена на постоечка опрема во пумпна станица „Метропол“;
– Реконструкција на атмосферска и фекална канализациона мрежа за дел од улицата „Кленоец“;
– Реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“ и
– Рехабилитација на дел од локален пат за село Куратица.

Од локaлната самоуправа најавија и дека ќе се работи и на подобрување на условите за живеење во сите урбани и рурални средини во Општина Охрид, а за следниот владин јавен повик, меѓудругото, ќе се бараат средства за проектот за Свињишки извори. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес